По капитенот Кирил Лазаров и македонскиот селектор Данило Брестовац не бега од фаворитската улога за Македонија в очи на стартот од групната фаза на Европското ракометното првенство кое ќе се одржи за првпат во три држави: Австрија, Шведска и Норвешка. Македонија ќе игра во Виена, во групата Б, каде утре од 20,30 часот ќе стартува против Украина, на 12 јануари противник ќе им биде Чешка, а два дена потоа и домаќинот Австрија.
-Подготвени сме за победнички старт. Мислам дека можеме да го сториме тоа. Имаме подготвени варијанти за се што можат да ни возвратат противниците. Но, одиме чекор по чекор. Очекувам целата екипа да биде на висина на својата задача. Да функционираме на секој план во играта, од индивидуални квалитети, тактички добро организирана игра на теренот, максимална борбеност во одбранта со поостра игра. Ни недостасува Велко Маркоски, тоа е факт, но од тоа нема бегање. И претходно сме играле без него, можеме… Имаме добра селекција за одличен старт и за први бодови во групата… порачува селекторот Брестовац.