Македонската ракометна експедиција од Словенија каде ги одработи завршните подготвоки пристигна во австриската престолнина Виена, каде од утре ќе ги понче настапите на 14. Европско првенство, во групата Б против селекцијата на Украина. Искусниот 39-годишен македонски бомбардер и предводник на „црвено-жолитите“ Кирил Лазаров го пренесува оптимизмот кој владее во тимот кој ќе го предводи селекторот Данило Брестовац. Лазаров не крие дека во Украина, Чешка и Австрија имаме противници по мерка и дека ни се наметнува фаворитската улога.
– Мислам дека имавме среќа во ждрепката затоа што добивме добра група. Против сите три ривали ја носиме фаворитската улога. Физички сме добро спремни. Оптимист сум, но не сакам да наметнувам притисок кај помладите. Ќе одиме меч по меч. Добро функционираме како екипа, се познаваме, тоа е нашата предност во однос на другите селекции, порача Лазаров по пристигнувањето во Виена.
За утрешниот старт на ЕП со Украина, македонскиот капитен очекува да биде победнички. Во ова намера очекува да имаат и поддршка од трибините и на крајот заеднички да се радуваат.
-Нема криење. Поквалитетни сме од Украина. Имаме поискусна селекција и традиција со континуиран настап на големите натпреаврувања. Подобри сме и на индивидуален и на тимски план. Посакуваме и ќе дадеме сè од себе победнички да сатартуваме – вели Лазаров.