Австралискиот премиер Скот Морисон ги повика странските туристи да не се откажуваат од посета на Австралија поради големите пожари кои разорија огромни пространства земја а чадот стигна сè до Јужна Америка. Властите сè уште стравуваат од повторен бран пожари.
Морисон ја упати молбата во средата при посета на островот Кенгуру, туристичка атракција покрј јужниот брег богата со животински свет. Островот беше зафатен од пожари двапати во последните неколку недели.
„Австралија е отворена, Австралија е сè уште прекрасно место за одмор за вас и за вашето семејство“, им рече Морисон пред новинарите по состанокот со туристичките оператори и земјоделците.
„Дури и овде на Кенгуру, каде што една третина од островот е уништена, две третини од него се отворени и подготвени за бизнис активности,“ рече тој. „Важно е во овој момент локалните економии да се одржуваат во живот.“
Туризмот учествува со 3,1 процент од бруто домашниот производ (БДП), а минатата летна сезона Австралија привлече 2,71 милиони туристи. Но, оваа година, зафатеноста на хотелите драстично се намали, а некои вообичаено преполни летувалишта се претворија во градови-духови како резултат на кризата.
Официјални лица потврдија дека уште еден пожарникар починал во сообраќајна несреќа минатиот петок додека бил на должност, со што бројот на загинати достигна 26.