Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими претседавачот на воениот комитет на НАТО, воздухопловниот маршал Стјуарт Пич, кој престојува во официјална посета на Република Северна Македонија.
На средбата, како што соопшти Кабинетот на шефот на државата, биле разменети мислења и информации за тековните процеси во државата, во пресрет на скорешното членство во НАТО алијансата. Претседателот Пендаровски бил информиран и за актуелната состојба во Ирак и на Блискиот Исток.
Со полноправното членство во НАТО, истакнал претседателот Пендаровски, се остварува еден од клучните стратешки приоритети на Северна Македонија, дефинирани од почетокот на нејзината независност.
Придонесот во меѓународните мисии и вежби предводени од НАТО, според Пендаровски, се доказ дека нашата Армија е подготвена да придонесе во колективниот систем за безбедност на Алијансата.
Шефот на државата Пендаровски ја реафирмирал поддршката за натамошни реформи во Армијата и зголемување на нејзиниот буџет на 2 отсто од БДП до 2024 година.
На средбата била потврдена поддршката што ја дава Алијансата за претстојната фаза на финализирање на интеграцијата на нашата држава во НАТО и било посочено дека Република Северна Македонија од ценет партнер станува сојузник во Алијансата.