Украинскиот авион што вчера се урна во Иран, при што погинаа сите 176 патници и членови на екипажот во него, најверојатно случајно е соборен од иранската Противвоздушна одбрана (ПВО), соопштија американски претставници, цитирани од британските медиуми.
Според еден од изворите, американските сателити го регистрирале истрелувањето на две ракети непосредно пред авионот да се урне во близина на аеродромот во Техеран, што било проследено и со сведоштва за експлозија.
Според кажувања на двајца експерти на кои се повикуваат британските медиуми, Вашингтон смета дека соборувањето се случило по грешка.
Пентагон засега не се изјаснува за причините за падот на авионот, но претседателот Доналд Трамп пред новинарите во Белата куќа изјави дека е можно несреќата да била случајност, додавајќи дека има сомненија во однос на неа, но не сакаше да дава други детали.