Девојче кое на бејзбол натпревар во Хјустон што се одржал пред повеќе од седум месеци, било случајно погодено со топка од теренот, ќе има трајно оштетување на мозокот, пренесоа американските медиуми.
„Девојчето има трајна повреда на дел од мозокот“, соопштил Ричард Митоф, адвокат на семејството.
„Постојано добива напади и во моментов е на лекарства. Можеби ќе чувствува последици до крајот на животот“, додал тој.
Двегодишното дете по ударот претрпело скршеница на черепот, внатрешно крварење и контузија на мозокот, објави Си-ен-ен, непсоредно по инцидентот.
Несреќата се случила на 29 мај за време на натпревар помеѓу Хјустон Астрос и Чикаго Кабс на стадионот Минут Мејд. Публиката вонемирено воздивна кога топката го погоди детето, а навивачите во близина веднаш повикаа помош.
Во август, клубот со седиште во Хјустон ја прошири мрежата за безбедност на стадионот за да овозможи поголема сигурност за гледачите.