СВЕТЕП ќе му ги исплати 40.000 евра на ПучдемонОбјавено пред 7 минути – 9 јануари, 2020Од Макфакс
Европскиот парламент ќе им исплати 80.000 евра заостанати плати на двајца пратеници од Каталонија, Карлес Пучдемон и Тони Комин. Двајцата треба да добијат по околу 40.000 евра.
И двајцата се соочуваат со обвиненија во Шпанија за улогата во референдумот за независност на Каталонија во 2017 година, а беа избрани на изборите во мај во Европскиот парламент. Тие ќе добијат плата за изминатите шест месеци, од јули до декември 2019 година.
Месечната плата е 8.757 евра, а тие исто така имаат право на 4.563 евра за трошоци.
Пучдемон, кој е поранешен претседател на Каталонија и Комин, министер за здравство во неговата влада, требаше да го почнат мандатот на 2 јули, но шпанските власти одбија да ги признаат како европратеници, освен ако не положат заклетва во оваа земја во која се соочуваат со апсење.
Тие ја напуштија Шпанија во 2017 година и побегнаа во Белгија. Минатиот месец, Европскиот суд на правдата донесе одлука дека двајцата имаат пратенички имунитет.
По оваа одлука, претседателот на Европскиот парламент Дејвид Сасоли ја укина забраната на Шпанија и им дозволи на Пуџдемон и на Комин влез во зградата на ЕП.
Покрај платите, Пучдемон и Комин ќе можат да вработуваат луѓе, да пишуваат извештаи, јавно да зборуваат на состаноците на комисиите или на седниците на Европскиот парламент.