Извори од Пентагон: Украинскиот авион е соборен од руска ракета

Украинскиот авион што се урна во Техеран, Иран, во вторникот, бил соборен од ракета, изјавиле извори од Пентагон за „Њузвик“.

Три официјални лица рекле дека авионот бил соборен од руска ракета, Тор-М1 и дека било случајно.

„Њузвик“ пренесува дека авионот престанал да испраќа податоци набргу по полетувањето од аеродромот во Техеран и набргу откако Иран лансирал проектили кон воени бази во кои биле сместени американски трупи во Ирак.

Изворот од Пентагон смета дека Иранците ги активирале сите системи за противвоздушна одбрана по нападот во случај на контранапад од САД.

„Њузвик“ стапил во контакт со Централната команда на САД, но тие одбиле да коментираат.

Претходно денеска, официјални лица од Украина изјавија дека сакаат да истражат дали има остатоци од руска ракета на местото на несреќата.

„Киев истражува неколку можни причини за несреќата, вклучувајќи ракетен напад, судар, експлозија на моторите и тероризам“, напиша на „Фејсбук“ секретарот на украинскиот совет за национална безбедност, Олексиј Данилов.

Треба да знаете
Последни објави