Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека претседателката на Комисијата за култура, Ирена Стефоска ја кочи работата на ова собраниско тело и дека не закажува продолжение на надзорната расправа за начинот на носење на Годишната програма на Министерството за култура.
– Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во неколку наврати реагираше на нефункционирањето на Комисијата за култура и одбивањето на владеачкото мнозинство да ја продолжи надзорната расправа за начинот на носење на Годишната програма на Министерството за култура. Претседателката на Комисијата за култура, Ирена Стефоска, не само што не закажува продолжение на Надзорната расправа, туку одбива да одговори на официјалните барања испратени до неа. Нефункционирањето на оваа комисија се гледа и од фактот што Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализам не се разгледува на Комисијата за култура, туку на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, се наведува во соопштението од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Тие ја повикаа Стефоска, како што се наведува, „да престане да ја кочи работата на оваа комисија и да најде сила да се ослободи од партиската прегратка на СДСМ, затоа што би требало да биде независен пратеник, како што се декларира”.