Од Ранковце и Свети Николе денеска ќе почне јануарската инфокампања за потенцијалните баратели на финансиски средства од ИПАРД-програмата 2014-2020. Кампањата овој месец е наменета за мерката 3: „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”.
Инфокарванот продолжува на 15 јануари во Прилеп, а 16 јануари е резервиран за жителите на Тетово и Кичево.
Работилниците во Скопје ќе се одржат на 17 јануари во општините Карпош и Аеродром.
Во Битола карванот ќе пристигне на 23 јануари, во Градско на 24 јануари, додека во Кочани на 28 јануари.
Инфоденовите за мерката 3 ќе завршат во Богданци на 29 јануари.
Корисници на мерката можат да бидат правни лица (трговски друштва во рангот на микро, мали, средни претпријатија до 250 вработени и годишен обрт до 50 милиони евра) и задруги што се занимаваат со преработка на млеко и млечни производи, преработка на месо и месни производи (вклучувајќи јајца и живина), преработка на овошје и зеленчук (вклучувајќи компир, печурки и легуминозни култури), преработка на житарки, мелнички производи и скроб, растителни и животински масти и масла, шира, вино и оцет, а и оние правни лица кои произведуваат енергија со преработка на примарна биомаса од растително и животинско потекло, со исклучок на биомаса од рибни производи.
Инфоденовите се во рамките на кампањата што МЗШВ ја спроведува заедно со Телото за управување со ИПАРД-фондовите и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, а е поддржана од Европската Унија. Целта е сите заинтересирани земјоделци да добијат детални информации за начинот на поднесување барања и документација, како и за добивките што ги нудат мерките од ИПАРД 2.