Шпанскиот Врховен суд одби да го ослободи Ориол Жункерас, кој во октомври минатата година е осуден на 13 години затвор поради организирање забранет референдум за независност на Каталонија, без разлика на фактот што тој има статус на пратеник во Европскиот парламент.
Жункерас, поранешен потпретседател на каталонската влада, се наоѓаше во притвор кога во мај минатата година на листата на Каталонската републиканска левица беше избран за европратеник. Поради тоа не присуствуваше на конститутивната седница на Европскиот парламент за да ја преземе должноста.
Европскиот суд во Луксембург на 19 декември пресуди дека Жункерас имал право на европратенички имунитет во моментот кога е избран во Европскиот парламент, па поради тоа шпанското судство во мај требало да му дозволи да замине во Европарламентот и да го заземе пратеничкото место. Дури потоа судот во Шпанија требал од Европскиот парламент да побара одземање на имунитетот.
По пресудата на судот во Луксембург, адвокатите на Жункерас побараа негово ослободување за да може да замине во Парламентот во Брисел. Шпанското државно обвинителство тврдеше дека таа пресуда се однесува на периодот од мај, кога бил обвинет и притворен, но не и на периодот од октомври кога е осуден.