Шпанската фудбалска јавност не среќна што Фудбалската федерација на оваа земја одлучи да го промени форматот на одигрување на Суперкупот и да се одигра на тло на друга земја – Саудиска Арабија. Наместо во два натпревари да се реши победникот во Суперкупот, помеѓу шампионот и победникот во Купот, или како што беше лани во еден натпревар на неутрален турнир, Шпанците овојпат се одлучија да направат завршница со турнир на кој настапуваат четири екипи и тоа во Саудиска Арабија.
Не им е сеедно и на клубовите учесници, кои мораа да отпатуваат во Азија за да одиграат два натпревари. Вчера Реал Мадрид ја победи Валенсија во првото полуфинале. Барселона е бранител на трофејот во шпанскиот Суперкуп, а денеска во полуфиналната пресметка за противник го има Атлетико Мадрид на стадионот „Кинг Абдула“ во Џеда.
Тренерот на Барселона, Ернесто Валверде го искритикува новиот формат на натпреварувањето, бидејќи парите го диктираат местото и начинот на одигрувањето на завршницата од натпревраувањето.
– Мораме да имаме на ум дека фудбалот во кој играме денеска е индустрија, која постојано бара нови начини на заработка. Тоа е што е. Ова е мое петто учество во Суперкупот. Во првите три изданија морав да играм реванш на гостински терен против шампионот. Сега, кога ја освоив лигата два пати, лани имавме еден натпревар на неутрален терен, а сега нова шема. За мене е чудно да сеигра со четири тимови, но тоа е што е. Ако треба да бирам, тогаш би го одбрал претходниот формат, но федерацијата е таа што одлучува, изјави Валверде.