Атлетико Мадрид ќе игра против Реал Мадрид во финалето на Суперкупот на Шпанија, кој од оваа година во нов формат се одржува во Саудиска Арабија. Вечерва, „колчонероси“ во финишот од мечот со два гола во пет минути стигнаа до триумф од 3-2 над Барселона.
Барса доминираше во првиот дел но Облак не дозволи „каталонците“ на пауза да заминат со предност. На стартот од вториот дел, Коке само што влезе во игра погоди за водство на Атлетико од 1-0 и натпреварот се отвори.
Пет минути подоцна, Меси изедначи на 1-1. Суарез спушти една топка, дефанзивците на Атлетико не беа одлучни па откако не расчистија, Аргентинецот прецизно биеше за изедначување.
По еден час игра, Меси погоди за 2-1, но голот беше поништен со ВАР откако топката го погоди напаѓачот во рака пред да шутне. Сепак, во 62. минута Барса поведе со 2-1, Облак го одбрани ударот на Суарез но Гризман прв дојде до одбиената топка и ја смести во мрежата.
Во 73. минута Облак беше матиран и по трет пат. Меси како со рака го проигра Видал кој спушти на пет метри за Пике а дефанзивецот рутински реализираше. Но и овој гол беше поништен од ВАР поради милиметарски офсајд на Чилеанецот.
Една грешка на Барса на средината го врати Атлетико во живот, Витоло изби сам пред Нето и беше соборен шеснаесетникот а Мората погоди од пенал за 2-2 во 81. минута.
Потоа следуваше и кикс на Пике, Кореа знаеше како да казни и донесе 3-2 во 86. минута и големо славје на Атлетико.