Гема Вотс (21) од Енфилд, Англија, се преправала дека е 16-годишно момче Џејк, со цел сексуално злоставување на околу 50 девојчиња, од кои некои имале само 14 години.
Џејк, или Гема, патувала низ целата земја со воз за да запознае што е можно повеќе девојчиња. На своите жртви, таа упорно им се претставувала како момче, а долгата коса вешто ја криела под качкет. За да не биде откриена, таа носела широки панталони, а на главата дополнително ставала качулка.
Гема направила и лажен профил на „Снапчат“ и „Инстаграм“ со името на Џејк, на кој ги објавила своите фотографии кога била преправена како момче. Таа, исто така, објавила снимки на кои вози скејт и зборува со длабок машки глас, користејќи го вокабуларот на младите.
Вотс е обвинета за седум сексуални напади врз малолетни лица. Поточно, сите девојки верувале дека се во врска со момче, а некои дури и се согласиле на сексуален однос. Дури подоцна сфаќале дека биле измамени и дека Џејк всушност е жена.
Се верува дека Гема измамила околу 50 девојчиња, но точниот број на оние со кои се запознала лично и се впуштила во интимна врска е непознат.
Таа за прв пат била фатена од полицијата во март 2018 година, откако педијатар се посомневал дека една од неговите пациентки е во врска со многу постаро момче. Неколку месеци подоцна, Гема била фатена со друга жртва, но веднаш била пуштена на слобода, за да биде уапсена во октомври истата година за заведување на малолетничка.
Во ноември истата година ѝ биле изречени мерки на забрана, кои наскоро ги прекршила.
За ова дело на Гема ѝ се заканува повеќегодишна казна затвор.



