Познатиот лондонски музеј „Мадам Тисо“ ги издвои восочните фигури на принцот Хари и неговата сопруга Меган од другите членови на кралското семејство, како одговор на соопштението на двојката дека се повлекува од кралските должности.
Музејот „Мадам Тисо“, кој изложува повеќе од 250 славни восочни фигури, објави дека принцот Хари и Меган ќе бидат сместени во посебен дел и повеќе нема да бидат со кралицата Елизабета, принцовите Филип и Чарлс, и принцот Вилијам и неговата сопруга Кејт, пренесува „Ројтерс“.
„Заедно со остатокот од светот, реагираме на изненадувачката вест дека војводата и војвотката од Сасекс се повлекуваат од кралските должности“, рече генералниот директор Стив Дејвис.
Повлекувањето на принцот Хари и неговата сопруга Меган од кралските должности е главната вест во британскиот печат деневиве, кој пренесува дека ниту кралицата Елизабета не била информирана за нивната одлука.