Стоилковски: Филипче да објасни дали и зошто договарал градба на штипската болница во куќа на шоумен

Интегрален текст од изјава на Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ

„Владата зад мене молчи за аферата „Рекет 3“, молчи Оливер Спасовски, молчи Венко Филипче. Нема ниту глас од Зоран Заев, иако „Рекет 3“ како надоврзување на „Рекет 1“ и „Рекет 2“ излегува во јавноста на три месеци пред избори! Сега е јасно зошто Штип остана без болница, јасно е дека заради лукративни цели и незаконски постапувања болницата уште не е доградена.

„Рекет 3“ е случај на рекетирање на домашна компанија и нејзино туркање во стечај заради нејзино преземање понатаму. „Рекет 3“ е случај на вмешаност на министер во рекетирање и непостапување по банкарската гаранција на штета на буџетот иако договорот не е испочитуван. „Рекет 3“ е случај на ново барање на 7 милиони евра од буџетот за истата компанија која што должи пари и веќе две години доцни со градбата.

Оливер Спасовски, неговиот ментор Зоран Заев, и пред се Венко Филипче мора да објаснат зошто не е активирана банкарската гаранција? Пробиени се сите рокови и раскинат е договорот со подизведувачот!

Венко Филипче мора да објасни дали и зошто договарал детали за градба на штипската болница во куќа на шоумен? Која фирма ќе биде нов подизведувач и дали е навистина е таа блиска до власта? Дали градежните работи и градежните фирми на штипската болница ги координира човек од семејството на поранешен премиер? Оливер Спасовски мора да одговори дали планира да му одобри на Венко Филипче нови 7 милиони евра за проект кој што врзан за аферата „Рекет 3“?

Однесувањето на власта е срамно, однесувањето на обвинителството за организиран криминал уште посрамно. Од одговорноста нема бегање. Одговорноста ќе дојде, а поразот за оние кои што денес ни носат порази е неминовен.“

Треба да знаете
Последни објави