Абхазискиот претседател, Раул Хаџимба, нема да поднесе оставка иако парламентот на самопрогласената република го повика да ја напушти функцијата по протестите на опозицијата. Тој верува дека кризата може да се реши преку преговори, соопшти првиот заменик- шеф на администрацијата на Хаџимба, а пренесе „Спутник“.
„Прес-службата го објави неговиот став вчера… Претседателот смета дека е неопходно да се разговара за сите прашања на преговарачката маса за да се обезбеди национално единство и да се обезбеди стабилност“, рече Дмитриј Шамба.
Ден претходно, парламентот во Абхазија гласаше за оставка на претседателот откако демонстрантите влегоа во зградата на неговата администрација и побараа да се поништат резултатите од претседателските избори во 2019 година и негово заминување од функцијата.
Опозицијата претходно вети дека ќе постапи на законски начин и ќе ја чека пресуда на Врховниот суд за резултатите од изборите, потсети Шамба.
„Сфаќајќи ја залудноста на нејзините барања на суд, опозицијата одлучи да премине на радикални методи“, рече Шамба, цитирајќи го Хаџимба.
Абхазиската влада верува дека изјавата на парламентот може да поттикне понатамошни социополитички тензии иако законодавниот дом тврди дека се обидува да спречи дестабилизација, додаде Шамба.
Демонстрантите бараат резултатите од претседателските избори во 2019 година, на кои Раул Хаџимба обезбеди тесна победа во вториот круг, да бидат поништени, наведувајќи го незадоволството од социоекономските тешкотии и корупцијата.