Корпорацијата „Боинг“ изрази подготвеност да му помогне на американскиот Национален одбор за безбедност при транспортот (НТСБ) во истрагата за несреќата на авионот на „Јукреин интернешнел ерлајнс“ во Техеран, изјави директорот за комуникации на „Боинг“, Чарлс Бикерс, за ТАСС.
Бикерс рече дека „Боинг“ е подготвен да му помогне на НТСБ во согласност со Анексот 13 од Конвенцијата за меѓународно цивилно воздухопловство што предвидува „државите на регистар, оператор, дизајн и производство имаат право да назначат акредитиран претставник во истрагата“.
„Њујорк Тајмс“ вчера, повикувајќи се на анонимни извори, објави дека Иран му понудил на НТЦБ преку Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ИЦАО) да учествува во истрагата за несреќата на украинскиот авион во Техеран.
На 8 јануари, авионот Боинг 737 на украинската авиокомпанија на „Јукреин интернешнел ерлајнс“ на рутата од Техеран до Киев се урна веднаш по полетувањето во близина на меѓународниот аеродром „Имам Хомеини“ во Техеран.
Во авионот имало 176 лица, а никој не преживеа. Меѓу нив имало граѓани на Авганистан, Германија, Иран, Канада, Украина, Велика Британија и на Шведска.