Првпат после 12 години државата нема да враќа европски пари за мерките од ИПАРД 2 програмата, порача денеска од Струмица министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, кој заедно со директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Николче Бабовски присуствуваше на работилницата во склоп на инфо-деновите, коишто се наменети за информирање на сите потенцијални баратели за користење на финансиски средства од ИПАРД Програмата 2014-2020.
Кампањата за информирање и едукација за инструментот за претпристапна помош на Европската Унија за рурален развој продолжува и оваа година, а овој месец е наменета за информирање за условите за поднесување на барањата за мерката 3 „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”, од ИПАРД 2.
Јавниот повик за оваа мерка е веќе во тек и рокот за поднесување на барања е до 11 февруари. Мерката им овозможува на фирмите и на земјоделските задруги да инвестираат во отворање на преработувачки капацитети и опрема, при што 50 отсто од инвестицијата ќе им биде кофинансирана.
-Мерката 3, се однесува на инвестиции во преработувачки капацитети за: млеко и млечни производи, месо и производи од месо вклучително јајца и живина, овошје и зеленчук, житарици, мелнички продукти и скроб, растителни производи и маснотии од животни, шира, вино и оцет. Вкупно на располагање на овој јавен повик се 13,3 милиони евра. Изминативе три години, како министерство заедно со Платежната агенција бевме фокусирани на олеснување на адмнистративните процедури за мерките од ИПАРД 2, со единствена цел да ја зголемиме искористеноста што е важна важна за прилагодување на земјоделскиот сектор и руралните средини кон Заедничката земјоделска политика на Европската Унија. Крајниот бенефит ќе го имаат земјоделците, затоа што преку модернизирање на производството и создавање на конкурентни земјоделски производи ќе имаат поголеми приходи од производството, рече министерот Димковски.
Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, посочи дека мерката 3 дава можност за отпочнување на нови или модернизирање на постојаните капацитети од преработувачката индустрија, а токму во Струмица и струмичко, како што рече, го има вистинскиот спој помеѓу примарното и секундарното производство. Со помош на овие средства веќе голем број на капацитети се модернизирани и го зголемиле производството, а со тоа стануваат и поконкурентни.
-Со потпишани 1.480 договори во висина од 32,8 милиони евра или 41отсто од расположивите средства преку ИПАРД 2 програмата покажува дека сме лидери во спроведувае на оваа Програма. Со тоа покажавме дека Република Северна Македонија успешно ги реализираше проектите, а така ќе продолжиме и во оваа година, но, и во наредниот период, изјави Бабовски.
Од поднесените барања, додаде, Платежната агенција има процесирано 824 барања, при што се исплатени вкупно 12,5 милиони евра финансиска поддршка. Ова,посочи, е првпат, Република Северна Македонија да не враќа пари во ЕУ поради слаба искористеност, туку напротив, поради зголемениот интерес ќе ни бидат потребни уште пари за дореализација на програмскиот период.
Во рамки на едукативната кампања, ќе се одржат инфо-денови во неколку градови, каде што заинтересираните граѓани и правни субјекти ќе можат да се информираат за постапките и условите за аплицирање со цел да добијат средства од оваа програма.