Иран ќе бара помош од Франција и Канада за декодирање на оштетените црни кутии

Шефот на Иранската агенција за цивилно воздухопловство изјави дека на неговата земја можеби ќе ѝ биде потребна помош однадвор за декодирање на податоците снимени на црните кутии од украинскиот авион што се урна во средата во близина на Техеран, пренесува РТ.

Али Абеџаде изјави за Си-ен-ен дека иако Иран има капацитет да ги декодира црните кутии од патничкиот авион „Боинг“, сепак може да му треба дополнителна помош затоа што тие биле многу оштетени.

„Општо земено, Иран има потенцијал и знаење да ги декодира црните кутии. Сите го знаат тоа. Меѓутоа ако достапната опрема не е доволна за да се добие содржината, Техеран ќе им ги испрати кутиите на експерти од Франција или од Канада. Тогаш, каков и да е резултатот, ќе биде објавен,“ рече тој, додавајќи дека иранските и украинските експерти ќе почнат да ги декодираат податоците денеска.

Иран исто така побара „Боинг“ да испрати претставник за да се вклучи во истрагата во Техеран.

Иран во средата рече дека нема да им ги предаде црните кутии на САД, претпочитајќи да спроведе своја истрага. Извештаите на американските медиуми во четвртокот цитираа анонимен извор oд Пентагон и разузнавачки агенти кои тврдат дека Иран по грешка го соборил авионот кој штотуку полетал од аеродромот „Имам Хомеини“ во Техеран.

Канадскиот премиер Џастин Трудо вчера брзо го следеше раководството на САД, велејќи дека разузнавањето посочило оти Иран е одговорен за ненамерно соборување на авионот. Техеран ги нарече овие тврдења, за кои не беа понудени докази, нелогични шпекулации.

Треба да знаете
Последни објави