– Здружението „Макканабис” денеска преку соопштение изразува длабоко разочарување од ставот на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ со кој на вчерашната 33. седница на собраниската Комисија за здравство го спречија влегувањето на Предлог-закон за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции во собраниска процедура.
На оваа седница, посочуваат од Здружението, беа искажани неиздржани аргументи и ставови на одредени пратеници кои не се во насока на подобрување на економијата и бизнис климата во нашата земја, туку се чисто политички и штетни за целата држава.
– Несфатливо е како пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не ги гледаат придобивките од работењето на индустријата која на дневно ниво се развива во светот и добива се поширок размер во лекувањето на тешко излечливите заболувања каде класичната медицина не покажува големи резултати. Имено, врз основа на сериозни долгогодишни научни изражувања кои го потврдуваат позитивниот ефект и влијание во лекувањето на многу заболувања оваа индустриска гранка се развива и шири во светот со огромна брзина. Со отфрлање на Законот и неприфаќање на потребните измени во истиот се создава ризик од затворање на една цела стопанска гранка која има можност да расте и да се развива и во однос на производствени капацитети, но и во однос на нови работни места и прилив на средства во државната каса, истакнуваат од Здружението.
Од Здружението наведуваат дека со недонесувањето на измените на Законот се дава сериозен негативен сигнал кон инвеститорите, домашни и странски, како и кон оние инвеститори кои веќе имаат стекнато лиценци за работа, така и кон оние инвеститори кои планираат да вложат средства во оваа индустриска гранка.
– Ги отфрламе тврдењата на претеничката група на ВМРО-ДПМНЕ дека Законот е штетен за здравјето на граѓаните и дека со него се отвора пат за манипулација на институциите на системот, а во интерес на неколку компании-производители на канабис за медицинска употреба. Сосема спротивно на ставот на ВМРО-ДПМНЕ, со Законот ќе се воспостави целосна контрола над производството, злоупотребата и употребата за медицински цели на опојните дроги и психотропни супстанции, а со тоа и заштита на животот и здравјето на луѓето. Притоа ќе се овозможи, домашните производители на канабис за медицински цели да го извезуваат својот производ на светските пазари, велат од Здружението.
Според Здружението, загубите на производителите на канабис за медицинска употреба предизвикани од забраната за извоз се повеќе од 50 милиони евра, а доколку не бидат донесени измените на Законот повеќе од 740 луѓе вработени во оваа индустрија ќе останат на улица. Дополнително, како што посочуваат, и државата ја губи можноста за значаен девизен прилив кој ќе го обезбеди извозот на цветот од канабис за производство на масло за медицинска употреба.
– Со новиот Предлог – закон одгледувачите на канабис добиваат можност за извоз на веќе произведените количини на сув хербален производ како опојна дрога, при тоа почитувајќи ги меѓународните Конвенции и европското законодавство кое ја регулира материјата. А со тоа, стануваме поконкурентни и на домашниот пазар, бидејќи и домашните компании кои произведуваат масло од канабис ги бараат европските критериуми за квалитет на цветот, истакнуваат од Здружението и бараат во Собранието што побрзо да бидат усвоени измените на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции.