– Новите санкции на САД против Иран се заради „дестабилизирачките” активности на иранскиот режим, што треба да биде одговорен за злосторствата во регионот, изјави денеска специјалиот претставник на САД за Иран, Брајан Хук.
САД воведоа дополнителни санкции против Иран, а цел е иранската економија со ограничувачки мерки во металургијата, градежништвото, рударската и текстилната индустрија. Покрај ова санкционирани се осуммина ирански лидери уште шест други официјални лица.
-Како резултат на санкциите ќе отсечеме милијарди долари поддршка за иранскиот режим, изјави денеска министерот за финансии Стивен Мнучин на брифинг во Белата куќа, во кој учествуваше и американскиот државен секретар Мајк Помпео.
Според Помпео, санкционирани се 23 организации и два бродови.
Максимум притисокот врз Иран ќе продолжи и ќе се зголемува, укажа Хук.
-Санкциите се насочени против повеќемина официјални лица и ирански лидери одговорни за теророт низ регионот, вклучително и за убиството на околу 1.300 демонстранти во Иран за време на неодамнешните протести, изјави специјалнот претставник.
Хук додаде дека е потребна дополнителна вклученост на НАТО во регионот и ја истакна идејата на претседателот Доналд Трамп за проширување на НАТО и на Блискиот исток.
-Претседателот авторизираше одбранбени напади, вклучително и убиството на Касем Сулејмани, изјави Хук. Уште еднаш ја повтори синоќешната изјава на шефот на Белата куќа дека нема да дозволи Иран да развие нуклеарно оружје.
Смета дека Иран треба да донесе подобри одлуки и да се откаже од експанзионизмот во регионот кое режимот го извршува со свои агенти и со прокси сили.
-Ние продолжуваме да делуваме во самоодбрана. Сулјемнани е елиминиран бидејќи планираше убиства на американски воени лица, дипломати, напади на наши амбасади во регионот. Негови цели беа ирачко-американски тренинг мисии, и сојузнички бази, изјави Хук.
Истакна дека ирачкиот генерал бил главниот организатор на сите досегашни ракетни напади во регионот, како врз саудиските постројки и американско-сојузнички бази, така и врз нафтените танкери во Персискиот Залив.
-Ако не го направевме ова, тој ќе убиеше уште стотици други луѓе, тогаш ќе ме прашавте зошто не го спречивме. Ризикот да не се прави ништо е многу поголем од ризикот да се изврши акција, рече Хук.
Додаде дека Сулејмани е одговорен за убиство на повеќе од 600 Американци.
Според него, Иран поседува најголем број ракетни проектили во регионот и неуспехот на меѓународната заедница да го запре развојот на иранската ракетна програма е голема закана за регионот и за целиот свет.
-Не можеме да дозволиме Иран да продложи со пролиферација на неатомски ракетни проектили што режимот ја прави во целиот регионот, укажа Хук на денешниот брифинг.