Одговор на новинарски прашања на Цветан Трипуновски Дополнителен заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство

Прашање: Министерот Трајан Димковски кога беше вчера во посета на Прилеп кажа дека воопшто не знаел за она што се случува во општина Долнени, меѓутоа овде вас ви се пожалија тутунопроизводителите, што всушност ви кажаа со кој проблем се соочуваат овде?

Одговор: Видете изминатите три години се изнаслушавме како во земјоделието блеска, како се е добро, како се во државата оди напред, како земјоделците се насмеани и среќни. Вчера го видов Трајан Димковски со директорот на инспекторатот Шапуриќ дотерани и насмеани се изнасликаа во прилепскиот тутунски комбинат, каде што кажаа дека се е добро и дека државата оди напред а земјоделците се среќни. Јас денеска на повик на земјоделците сум во општина Долнени, Дебриште и останатите неколку места кои што ќе ги посетам и гледам дека ситуацијата не е таква. Овие луѓе кои што се позади мене се револтирани затоа што откупот е стопиран и тоа што е договорено не е откупено, а дури и се манипулираат на класи. Но, карактеристика на СДСМ, на Трајан Димковски и довчерашниот премиер Зоран Заев е да го клекне земјоделецот на колена. Да бидеме реални тие го сменија законот за тутун каде што дозволија увоз на тутун и кога се дозволува увоз на тутун нормално е дека ќе бидат манипулирани тутунарите за своето производство. Оттука апелирам оној нашминкан министер да си дојде меѓу земјоделците овде бидејќи кај него е и камшикот и стапот и да си преземе заедно со инспекторатот да го решат откупот. Жалосно е маката на тутунарите каде што минатата година макотрпно работеле да им остане тутунот неоткупен. Да излезат од удобните канцеларии, нека се спуштат меѓу вистинските земјоделците, а не на наместени прес конференции кои што си ги прават изминатиот период. Јас од тука уште еднаш апелирам ќе ја употребам цела моја моќ, меѓутоа министер во министерството е Трајан Димковски и тој треба да го реши проблемот и да не дозволи тутунот да остане неоткупен.

 

Прашање: Тој најави дека откако му кажавме дека има проблем во Долнени, наредната недела дополнително ќе се сретнел со откупувачите, во смисла да побара од нив дали ќе можат да обезбедат дополнителни банкарски гаранции бидејќи имало вишок тутун кој требало да се откупи и заради тоа имало наводно вакви проблеми?

Одговор: Не треба да се чека наредната недела, проблемот е сега и веднаш да се стегнат обрачите и проблемот да се реши. Нема потреба да се чека. Јас овдека сум сведок а може и секој од присутните да посведочи дека на партиска основа се зема тутунот. Треба да разберат сите тие кои што сега се во владата дека мотиката не познава ниту политичка ниту верска припадност. Овие земјоделци макотрпно работеле и тој труд треба да им биде вреднуван како што треба, да биде реална проценката и поради тоа не треба да одлага ниту идна недела, туку треба денеска веднаш да дојде овде ако беше искрен во намерата вчера наместо да се слика во Прилеп ќе дојдеше тука каде што е проблемот. Но, не е само во Долнени проблемот и во другите делови на Република Македонија имаме застој во откупот, дали е тоа со одобрение на власта треба тие да кажат. Јас овде ќе направам за да ги заштитам овие луѓе во рамки на моите можности. Меѓутоа повторно апелирам треба да се даде приоритет на овој проблем и не треба да се одлага ниту час подоцна.

Прашање: Според вас колку е реална просечната откупна цена која вчера ја спомнаа дека досега била највисока, некаде над 225 денари од килограм тутун?

Одговор: Просечната цена треба да се извади на крајот од откупот на тутун кога целата планирана и договорена количина се откупи овде сум сведок дека онаа количина која што е останата е квалитетна едно не им се зема, а второ она што им се зема е мала количина се проценува класи или две пониско. Тоа по автоматизам ќе ја намали просечната цена. Затоа сметам дека треба тоа што е договорено да биде правилно проценето без преголеми одбитоци да се откупи и на крај да излезе Министерството со податок. Дај боже да биде просечната цена повисока, меѓутоа треба цела количина да се откупи.

Прашање: Факт е дека вашите ингеренции не се големи со оглед дека сте дополнителен министер, меѓутоа што им ветувате на овие луѓе тука и ширум Македонија којшто имаат проблеми во земјоделието, што вие како дополнителен министер ќе направите да им се олеснат проблемите со коишто се соочуваат ?

Одговор: Во оваа прилика со оваа изјава упатувам апел и укажувам на проблемот којшто го имаат, ако имаат доблест, ако навистина се чесни во намерата да помогнат на овие луѓе, треба оваа изјава да ја земат сериозно и да дојдат да го решат проблемот. Директорот на Инспекторатот земјоделски, заедно со инспекторите, министерот заедно со сите надлежни институции, заедно со компаниите да седнат да го решат овој проблем. Не требало да дозволат да се случи овој проблем, затоа што сега можеби е доцна, но ситуацијата треба да се заземе. Моето присуство треба да биде дополнителен стимул да се решат проблемите.  Едноставно да се решат проблемите, јас ќе направам притисок и со изјавите и со теренските посети, ќе апелирам дека се случуваат злоупотреби, и се случува манипулација, но тие се луѓето коишто треба да го решат ова, министерот го има и потписот и печатот, тој е тој којшто треба да го реши проблемот. Нашето време досега доаѓа после 12-ти април ќе ја вратиме вистинската грижа кон македонските земјоделци, како што било во минатото така ќе биде и во иднината.

 

Треба да знаете
Последни објави