Ескалацијата на конфликтот помеѓу САД и Иран по убиството на иранскиот генерал Касим Сулејмани, ја зголеми будноста на албанските власти во најчувствителниот дел од оваа ситуација, кампот „Ашраф 3″ на муџахедините во Манз, во близина на Драч.
– Во моментов, она што го гледаме е ескалацијата на американско-иранскиот конфликт. Иранскиот режим уби и масакрира многу луѓе на Блискиот Исток и се фокусира на муџахедините во Ирак. Групата муџахедини дојде во Албанија врз основа на договор со Обединетите нации, претходно бевме во Ирак. Ние бевме многу добро примени од Албанците и се чувствуваме добро овде во Манз. Ние сме безбедни и нема закана за Албанците, изјави за телевизија Ора њуз, Безат Сафари, правен советник на МАК.
Тој потврдува дека има дополнителни безбедносни мерки во кампот.
– Безбедносните мерки се зголемени во и околу кампот. Иранскиот режим е навистина закана за сите европски држави, но и за муџахедините што се наоѓаат во Албанија. Беше многу добар знак од албанската Влада што иранскиот амбасадор го прогласи за непожелна личност. Мислам дека Албанија е безбедна земја, истакна Сафари.
Тој коментирајќи ја изјавата на иранскиот врховен верски лидер Али Хамнеи, кој ја нарече Албанија „мала ѓаволска земја во Европа” и и се закани поради нејзината поддршка на МЕК, иранскиот претставник на опозицијата рече дека самиот ирански режим е ѓаволски режим.
– Иран е угнетувачки режим, Иран е ѓаволски режим и една од главните земји кога станува збор за меѓународниот тероризам. Во моментов иранскиот режим е фашистички режим кој шири насилство, посочи Сафари.
Поранешните борци на МЕК, кои беа под американска заштита во два кампа во Ирак, беа донесени во Албанија како дел од хуманитарен план, бидејќи постојано беа под бомбашки напади во Ирак.
Првата група муџахедини во Албанија пристигна во 2016 година моментно во кампот во Манз има над 2.500.