Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека иранскиот генерал Касим Сулејмани, кој беше убиен во американскиот напад со дрон, планирал да ја дигне во воздух амбасадата на САД во Багдад.
„Ќе го кажам ова – фативме вистинско чудовиште. Го уништивме. Тоа требаше да се случи многу одамна. Тоа го сторивме бидејќи планираа да ја дигнат во воздух нашата амбасада. Го сторивме тоа и од други очигледни причини. Некој загина, еден од нашите луѓе од војската загина. Луѓе се тешко повредени само недела дена претходно“ рекол Трамп, пренесе порталот „Политико“.
Подоцна, на митинг во рамки на својата предизборна кампања во Охајо, Трамп рекол дека Сулејмани планирал напади на повеќе американски амбасади.
„Сулејмани активно планирал нови напади и сериозно ги разгледувал нашите амбасади, не само амбасадата во Багдад, но ние го спречивме“ порачал Трамп пред неговите гласачи.
Тој поголем дела од говорот во Охајо го посветил бранејќи ја својата наредба за убиство на иранскиот генерал и ја отфрлил критиката на демократите кои тврдат дека ги пречекорил неговите овластувања.
Опозициските демократи и одделни републикански членови на Конгресот остро го критикуваат Трамп и неговите соработници, зошто одбиле да откријат каква непосредна опасност се заканувала од Сулејмани во монетот кога бил убиен во автомобилот со кој се возел на аеродромот во ирачката престолнина.
Претставници на администрацијата на Трамп претходно го обвинуваа командантот на елитната иранска единица Кудс за убиство на американски војник и еден вработен по договор, како и за немири во Ирак и Либан, но не сакале да ги откријат специфичните причини за убиството на Сулејмани.