Вкупно 24 единици крв се собрани на денешната крводарителска акција што се одржа во општина Ранковце, во организација на општинската организација на Црвен Крст Крива Паланка.
Акцијата е прва во 2020 година во организација на Црвен крст на Република Северна Македонија-општинска организација Крива Паланка, се одржа во просториите на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) од Ранковце, а во соработка со Институтот за трансфузиона медицина-Скопје.
– Ја отпочнавме годината со денешната акција, прва во регионот во 2020 година. Би ја оценил како успешна, и организациски, во соработка со одговорните во противпожарната служба од Ранковце и локалните власти, но и во однос на одзивот на граѓаните. Во акцијата крв даруваа и градоначалникот на општина Ранковце, Ивица Тошевски, како и вработените во ТППЕ. Со денешниот број собрани крвни единици отпочна реализацијата на Годишниот план за крводарување со кој се проектирани 711 крвни единици, изјави Дарко Пешовски, секретар на ОО Црвен крст-Крива Паланка.
Посочи дека Годишниот план за крводарувања во 2019 година,со кој исто така беа проектирани 711 единици крв е натфрлен во однос на реализацијата со 10 отсто, односно минатата година на дваесетина крводарителски акции организирани од страна на ОО на Црвен крст Крива Паланка, собрани се вкупно 785 крвни единици.