Иран призна дека го соборил украинскиот патнички авион

Иранскиот претседател Хасан Рохани и министерот за надворешни работи Џавад Зариф признаа дека иранската војска го соборила украинскиот патнички авион, но тврдат дека несреќата се случила поради „заканите, насилничкото однесување и авантуризмот на САД”.

Рохани напиша на Твитер дека внатрешната истрага на оружените сили заклучила дека поради човечка грешка, за жал, е соборен украинскиот авион, додавајќи дека истрагата ќе продолжи и одговорните ќе бидат процесуирани.

Тој им изрази сочувство на семејствата на жртвите и повика на сеопфатна истрага.

И министерот за надворешни работи на Иран, Џавад Зариф, исто така, изрази огромно жалење.

– Тажен ден. Поради човечка грешка, предизвикана од авантуризмот на САД, се случи несреќата, напиша Зариф на Твитер, изразувајќи „длабоко жалење, извинување и сочувство до народот, семејствата на жртвите и останатите засегнати народи”.

Иран денеска соопшти дека војската на таа земја „ненамерно го соборила” украинскиот патнички авион, нагласувајќи дека станува збор за човечка грешка.

Во соопштението на иранската војска се наведува дека погрешно е проценето дека авионот бил „непријателска мета”, бидејќи леталото го насочило движењето кон „чувствителниот воен центар” на Револуционерната гарда.

Иранската војска упати извинување, нагласувајќи дека ќе ги усоврши своите системи со цел во иднина да се спречат такви трагедии.

Признавањето следело откако американски и канадски официјални претставници истакнаа дека е „многу веројатно” иранска противавионска ракета да го соборила авионот, што Техеран на почетокот го демантираше, нарекувајќи ги таквите трдења „огромни лаги”.

Украинскиот авион беше соборен во средата, неколку часа по иранското рекетирање на две воени бази во Ирак кои ги користат американските сили, што претставуваше одмазда за убиството на најмоќниот ирански генерал Касим Сулејмани. Во несреќата загинаа 176 патници и членови на екипажот, повеќето државјани на Иран или Канаѓани со иранско потекло.

Треба да знаете
Последни објави