Тројца дилери на дрога се убиени денеска во Сплит, откако ги изрешетал Ф.З.(25) кого убиените го малтретирале поради наводен долг на неговиот брат, пишуваат хрватските медиуми за масакрот кој ја потресе Хрватска. Убиецот имал на списокот за отстрел уште еден дилер, но него не го нашол дома.
Убиствата се случиле околу 15.35 часот во самиот центар на Сплит, кога Ф.З. застрелал дваја од дилерите кои биле на мотори, а потоа облечен во црно и со „калашников“ ладнокрвно си заминал кон улица во близина каде го застрелал и третиот, кој починал во болница. Додека си заминувал бил снимен со мобилен од минувачите. Набрзо почнала потера по убиецот, а граѓаните биле советувани да не излегуваат од домовите.
Според познаниците на Ф.З., убиецот во април лани се вратил од работа на брод каде поминал 14 месеци. Живеел уреден живот, бил спортист со освоени многу медали во таеквондо. Кога се вратил од бродот, тројцата убиени му доаѓале дома за да му се заканат на наводните долгови на неговиот брат. Во септември му се заканиле и со нож, па затоа по злосторството седнал со својот брат во едно кафуле, како ништо да не се случило и мирно се предал на полицијата.