Димковски: Институциите постапуваат согласно законите и нема да се штити криминал

Прес конференција на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, во врска со објавената аудио снимка на порталот „Економски лидер“

 

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и сите институции во рамки на министерството и на Владата на Република Северна Македонија, работат транспарентно и се во комплетна функција на граѓаните, порача на денешната пресконференција министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, во врска со објавената аудио снимка на порталот „Економски лидер“.

Димковски потенцираше дека јавноста е должна да ја знае вистината за разговорот кој денеска го објави пораталот, додавајќи дека се работи за разговор помеѓу две лица, советникот од кабинетот на министерот Димковски Мојсовски и лице кое порталот не го обелоденува со име.

„Јасно се слуша дека, советникот Мојсовски му посочува на лицето да постапува согласно законот и да не ги штити оние кои го кршеле законот во врска  со концесијата на Охридското езеро. Минатиот месец до нас стигна допис од Регионалниот центар за гранични работи „Запад“ , во кој се посочува дека постои отсуство на преземени активности од страна на Државниот инспекторат Охрид и Струга и на концесионерот на Охридското езеро „Летница –Белвица“, во делот на контролите за откривање и спречување на криминал.  Конкретно, центарот алармира дека токму концесионерот има вработени лица за стопански риболов кои се познати сторители на кривични дела како шпто се незаконски риболов и недозволена трговија со дрога. Овие лица го злоупотребиле стопанскиот риболов и со помош на необележани пловни објекти за стопански риболов учествуваат, помагаат и овозможуваат извршување на кривични дела, криумчарење на марихуана и риба преку сината граница на крајбрежјето на Охридско езеро“, изјави министерот Димковски.

При тоа, Димковски изјави дека посоченото лице во аудио снимката е директно задолжено и одговорно во име на Државниот инспекторат за земјоделство, а со тоа и за концедентот Република Северна Македонија, и согласно договорот за концесија, да го следи концесионерот да и презема соодветни мерки за почитување и исполнување на обврските од договорот.

„На многуте состаноци што ги одржавме во просториите на езерската полиција ми беше предочено дека ова лице не си ја врши својата должност, одбегнува да соработува со езерската полиција и три месеци воопшто не направил надзор на извршување на концесијата. Поради тоа дошло до низа прекршувања и казнени дела.Односно непочитување на договорот, а со тоа и нарушување на заштитата на рибите и водата, неконтролиран улов од риба и нелегален пренос на риба во соседна земја“, изјави министерот Димковски.

За нерегуларностите на концесионерот на Охридското езеро, МЗШВ изминатиов период доби, многу поплаки и од граѓаните. МЗШВ соодветно реагираше до ДИЗ, Пазарен инпсекторат, Трудов инспекторат и Агенцијата за храна и ветеринарство за да се извршат  итни инспекциски контроли на терен.

 

Треба да знаете
Последни објави