Селекторот на македнонската ракометна репрезентација, Данило Брестовац по поразот од Чешка (25:27) во 2. коло од групата Б која се игра во Виена, во пресрет на последното 3. коло кое треба да го даде одговоро кои две екипи ќе патуваат во втората фаза од 14. ЕП-2020, денеска порача дека победа против домашната селекција на Австрија на утрешниот меч е целта на „црвено-жолтите“.
Селекторот Брестовац открива дека иако на почетокот од континенталниот собир кој се игра во три земји Австрија, Шведска и Норвешка, повеќе стравувал како неговите избраниции ќе функционираат во одбраната, сега му „шкрипи” играта во нападот.
– Подготовката е иста, одиме на победа, поразот со Чешка веќе е архивиран, и сите сме насочени што подобро да се подготвиме за следниот натпревар. Имаме време, имаме можности, имаме квалитетни одбранбени играчи, кои, иако стравуваме на почетокот на првенството дека одбраната ќе ни биде проблем, но и јас сум тој што повеќе посветува внимание на одбраната и повеќе состаноци имаме со нив, можам да кажам дека повеќе ми „шкрипи” во нападот, отколку во одбраната. Повеќе ни шкрипи во таа одбрана 6 на 5, имаме помала креативност на самите играчи, имаме слаба реализација, имаме слаба поставеност, изјави Брестовац.
Според него, репрезентацијата досега никогаш немала вакви проблеми, но и нема доволно време кога да се променат работите. Сепак тој не се откажува од позитивен епилог на утрешниот меч.
– Сепак имаме уште еден меч, имаме сила, имаме можност, имаме играчи, имаме уште двајца играчи кои можат да влезат во ротација. Мишевски е во одбрана, Танковски е во напад, може да биде корисен. Кратко е ЕП за да можеме да најдеме уште еден млад играч кој би бил четврти играч за таа ротација Талески и Кузмановски, доколку не им тргне, додаде Брестовац