Американскиот амбасадор во Косово Филип Коснет го посети денеска седиштето на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), каде што со раководството на оваа партија разговарал за формирање на новата влада на Косово во коалиција со Движењето Самоопределување (ВВ), јави дописникот на МИА од Приштина.
Лидерот на ЛДК Иса Мустафа по средбата кратко изјави дека решението за постигнување договор меѓу двете партии кои победија на октомвриските парламентарни избори е во рацете на ВВ на Албин Курти, како партија со најголем број освоени гласови.
– Решението треба да го дадат тие, не ние, изјави Мустафа.
Потпретседателот на ВВ Агим Велиу, како и Мустафа, нагласи дека одговорноста за успехот на меѓупартиските преговори ја сноси ВВ.
– Ние очекуваме решение од ВВ, решение кое ќе биде функционално за двете партии. Одговорноста сигурно е нивна, да понудат решение во оваа ситуација. Нагласувам дека сме во исчекување, изјави Велиу.
Пред амбасадорот на САД, седиштето на ЛДК претпладнево го посети и поранешниот амбасадор на ОБСЕ во Косово, Вилијам Вокер, но ниту тој ниту Коснет засега немаат објавено информациите за содржината на разговорите со раководството на партијата.
Вонредните парламентарни избори во Косово се одржаа на 6 октомври 2019 година, а двете партии победнички, досега опозициските ВВ и ЛДК, и покрај претходните најави за брзо формирање на новата заедничка влада, се уште не успеваат да се договорат за поделба на функциите.
До застој во преговорите дојде откако ЛДК истапи со барање да ја преземе функцијата претседател на државата, откако во април 2021 година ќе му заврши мандатот на актуелниот претседател Хашим Тачи. Ситуацијата дополнително се искомплицира откако на конститутивната седница на новото Собрание, на 27 декември, на предлог на Курти за собраниски спикер беше избран Глаук Коњуфца од ВВ, иако таа функција во претходните договарања беше ветена на ЛДК.