Британската кралица Елизабета денес за денеска закажа семејна средба на која ќе се разговара за одлуката на принцот Хари и неговата сопруга Меган да се повлечат од високите кралски должности, да започнат со самофинансирање и да живеат еден период во Канада, а еден во Велика Британија.
Официјални лица од кралското семејство соопштиле дека принцот Хари, неговиот постар брат принцот Вилијам и нивниот татко принцот Чарлс се повикани на состанок во палатата Сандрингам.
Се очекува принцот Вилијам на состанокот да дојде од Лондон, принцот Хари од неговиот дом во Виндзор и Чарлс од Оман, каде беше да изрази сочувство за смртта на султанот Кабус бин Саид. Меган, која е во Канада со нејзиниот син Арчи, најверојатно ќе се приклучи на состанокот телефонски.
Бакингемската палата соопшти дека ќе се разговара за „многу можности“ и дека кралицата е одлучена да ја реши ситуацијата во рок од неколку дена. Исто така се наведува дека целта на денешниот собир е да се договорат следните чекори на кралските власти и службеници од Велика Британија и Канада, но дека за секоја одлука ќе треба време.