Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров денеска во Москва изјави дека е постигнат напредок во преговорите за Либија, но дека се уште не е потпишан договор за прекин на огнот во оваа земја.
Според него, „некои страни” во судирот потпишаа договор за прекин на огнот, но дека командантот на Либиската национална армија Калифа Хафтар бара уште време за да го разгледа целиот пакет.
Шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу кажа дека Хафтар побарал за условите од договорот да размисли до утре изутрина.
Преговорите уследија по примирјето што стапи во сила на полноќ меѓу саботата и неделата, како дел од иницијативата на претседателите на Русија и на Турција, Владимир Путин и Реџеп Тајип Ердоган, и претставува прв прекин на огнот во борбите во последните неколку месеци.
Веднаш, меѓутоа, пристигнаа инфорамции дека двете страни ги прекршуваат условите од прекинот на огнот, пренесоа американските медиуми.