Поранешниот полски претседател Лех Валенса ја критикуваше Варшава поради одбивањето да го покани рускиот претседател Владимир Путин на одбележувањето на 75-годишнина од ослободувањето на концентрацискиот логор Аушвиц, поврзувајќи го овој чекор со одлуката на актуелниот шеф на државата да присуствува на настаните во Израел, пренесува „Спутник“.
„Бидејќи полската страна не го покани претседателот Путин на одбележувањето на 75-годишнина од ослободувањето на концентрацискиот логор Освенцим, требаше да се очекува дека Анджеј Дуда нема да има право на глас во Израел. Во таква ситуацији тој не можеше да отпатува таму“, објасни Валенса во интервју за „Онет“.
Валенса смета дека Путин треба да биде поканет на настаните во Полска и нагласи дека токму Црвената армија го ослободила овој концентрациски логор.
„Тоа е историска вистина што никој нема да ја смени. А ако полската влада сака да создаде свој сопствен историски наратив, тоа е премногу несериозно. Ако сакаме добри односи со Русија, мора да водиме дијалог со неа, но тоа треба да се прави на определен начин. Знам дека тоа е можно“, додаде поранешниот полски претседател.
Комеморативните настани во чест на годишнината од ослободувањето на Аушвиц во Полска треба да се одржат на 27 јануари. Се претпоставува дека Путин нема да присуствува на настаните. Освен тоа, во јули минатата година полските власти изјавија дека планираат да го поканат рускиот претседател.
Светскиот форум за сеќавање на холокаустот ќе се одржи на 22-23 јануари во меморијалниот центар „Јад Вашем“ во Израел. Планираната посет на Путин, кој би требало да биде главен гостин на форумот, според извештаите во медиумите, стана една од главните причини Дуда да се откаже од ова патување. Тој ја објасни својата одлука велејќи дека организаторите на настаните во Израел не му дозволиле да одржи говор.
Полските власти во 2018 година усвоија закон со кој се предвидува кривична одговорност за обвинување на земјата за соучешништво во нацистичките воени злосторства. Законот беше изложен на критки, вклучително и од Израел, кој се противи на историскиот ревизионизам.