Северноатлантскиот сојуз има намера годинава да реагира на распоредувањето на руските системи „Искандер М“, кои предизвикаа спор поради ракетите од типот 9М729, пренесува германската телевизија „Н-ТВ“ повикувајќи се на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
„Што се однесува до рускиот систем ССЦ-8 (класификација на НАТО за ракетата 9М729), ќе работиме на системите за противвоздушна и противракетна одбрана, на конвенционалното оружје, на зголемување на борбената готовост и на продолжување на времето за предупредување,“ рече Столтенберг.
Според него, министрите за одбрана од земјите членки на НАТО веќе договориле соодветни мерки.
Столтенберг рече дека развојот на ракетата 9М729 е дел од руската стратегија за интензивно вложување во современите потенцијали, вклучувајќи го тука и современото нуклеарно оружје.
НАТО има намера сразмерно да одреагира на тоа со одбранбени мерки. Истовремено, тој нагласи дека НАТО нема да поставува нови копнени ракети со нуклеарни боеви глави во Европа и настојува да ја зајакне контролата на вооружувањето.
САД и НАТО сметаат дека ракетата 9М729 го нарушува Договорот за ликвидација на ракетите од среден и краток домет затоа што, наводно, има дострел од повеќе од 500 км., што беше повод САД да се повлечат од овој клучен меѓународен договор.
Русија повеќепати ги отфрли сомнежите на Вашингтон и истакна дека жалбите на 9М729 се само изговор за повлекување од договорот.