Во полемиката во Србија околу измената на Изборниот закон со намалување на цензусот за влез во собранието од сегашните пет на три проценти, се огласи и лидерот на Двери, Бошко Обрадовиќ, кој оцени дека „ако може да се менува изборниот законик, тогаш може и да се одложат изборите преку договор со власта според моделот на Северна Македонија.”
Како што јави дописникот на МИА од Белград, Обрадовиќ во соопштенеи оценува дека изборниот цензус се намалува заради бојкотот на „најголемите опозициски партии”, но и за политичките опции и партии кои се поддржани од власта да можат да го надминат минималниот цензус и во собранието да “глумат повеќепартиска парламентарна демократија.”
-Ако изборните закони можат да се менуваат два месеци пред изборите, тогаш можат и да се одложат изборите и со потпишување на договор меѓу власта и опозицијата за слободни и фер избори, за девет месеци да се одржат нормални избори.
Обрадовиќ кажа дека договорот треба да се донесе во Собранието во форма на lex specialis (специјален закон), кој би го поддржале сите пратеници, додека неговото спроведување би било гарантирано од преодна, техничка влада.
-Како што е во моментов случајот во Северна Македонија, според Пржинскиот договор или како што минатата година, на ист начин беа организирани парламентарни избори во Австрија, заклучи Обрадовиќ.
За фомирање на техничка влада во Србија пред пролетните избори, според македонскиот модел, се заложи и лидерот на Партијата за слобода и правда (ССП) Драган Ѓилас во интервјуто за МИА пред месец дена.
Претседател Александар Вучиќ, синоќа на ТВ Пинк изјави дека се „залага за намалување на изборниот цензус на три проценти, поради тоа што на „тој начин ќе се преслика јавното мнение во собранието.”
-Животот ќе се врати во парламентот, со што ќе се врати нормалноста во Србија, кажа српскиот претседател.
Вучиќ ги отфрли обвинувањата дека со намалување на цензусот се загрозени правата на опозицијата.