Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ изјави дека хрватското претседавање со Европска унија преку Самитот во Загреб во мај ќе им даде на земјите од Западен Балкан јасна европска перспектива, јасна временска рамка, но и методологија за идните преговори.
Пленковиќ во интервју за Франс 24 повтори дека очекува претставување на предлогот за одредени модификации на методологијата на преговарачкиот процес и дополнителен извештај за напредокот на Северна Македонија и Албанија.
Тој наведе дека тоа ќе доведе до постигнување на политичко решение и ќе ја врати довербата на двете земји пред Самитот на ЕУ во Загреб.
Пленковиќ додаде и дека главни предизвици на претседавањето, покрај проширувањето на Унијата, ќе биде и Брегзит, како и повеќегодишната финансиска рамка на ЕУ.
– ЕУ и Велика Британија во следните неколку месеци треба да покажат зрелост и да ги договорат клучните области за идните односи до крајот на 2020 година, истакна Пленковиќ.