Ставот на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис изнесен минатата седмица во САД, говорејќи на Atlantic Council, како што објавија грчките медиуми, дека Грција ја поддржува американската одлука за убиството на Касим Сулејмани, била причината Иран со демарш да реагира до Грција.
Постоењето реакција и демарш од Техеран до Атина денеска го потврди шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас по средбата со неговиот кипарски колега, Никос Христодулидис, јави дописничката на МИА од Атина.
Министерот за надворешни работи на Грција, рече дека до грчката амбасада во Иран бил доставен демарш, а шефот на иранската дипломатија Џавад Зариф побарал телефонски да разговара со него.
Дендиас објасни дека било побарано телефонскиот разговор да се одржи попладнево, но во тоа време тој ќе присуствува на средбата на Мицотакис со кипарскиот МНР, па веројатно утре наутро ќе се слушне со шефот на иранската дипломатија.
Весникот „Катимерини” во петокот го пренесе писмото од амбасадата на Иран во Атина со реакција за објавен текст во весникот во кој бил изразен ставот дека Грција ќе учествува во евентуална американска интервенција во Иран.
Од иранската Амбасада изразуваат надеж дека тоа не е став на официјална Атина имајќи предвид дека двете земји имаат традиционални пријателски и историски односи, но и предупредуваат дека Исламската Република ќе одговори решително на секаков напад.
– Јасно е дека Техеран херојски ќе застане пред било кое прекршување или обид за наметнување војна и решително ќе им одговори на напаѓачите. Иран јасно има изјавено дека во случај да се наметне војна против земјата од Америка, ставањето на располагање на бази за американскиот напаѓач од која било земја ќе се смета за непријателски чин, а Иран го задржува правото да одговори на јасен и решителен начин, пишува во писмото од иранската Амбасада испратено до „Катимерини”.