Кабинет на Пендаровски: Нема измени во обезбедувањето на шефот на државата

Не постојат измени во ресурсите и бројноста на професионални лица од Министерството за внатрешни работи кои се ангажирани за обезбедувањето на претседателот Стево Пендаровски, односно го обезбедува истиот тим на лица од почетокот на мандатот, соопштија за МИА извори од Кабинетот на шефот на државата.

– Во однос на број на луѓе кои го обезбедувале претседателот Иванов, а се опфатени со актите со кои се упатени на претходни работни позиции, ве информираме дека станува збор за неколку лица кои во моментов не се ангажирани за обезбедување на претседателот, информираа истите извори.

Некои медиуми претходно објавија дека по одлуката на техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев за укинување на наредбите на неговиот претходник и сегашен технички премиер Оливер Спасовски, од денеска освен неговото редовно обезбедување, претседателот Стево Пендаровски го обезбедуваат и телохранителите на поранешниот шеф на државата Ѓорге Иванов, кои претходно беа распоредени во други организациони единици во Министерството за внатрешни работи.

Чулев потпиша телеграма доставена до сите организациски единици во МВР, со која ги известува раководителите на организациските единици дека наредбите донесени согласно член 154 од Законот за внатрешни работи, со кои на работниците им се наредува да извршуваат задачи во други организациони единици, престануваат да важат, со што тие треба да се вратат на старите работни места.

Треба да знаете
Последни објави