Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска го поздрави прекинот на огнот во Либија, што го иницираа Русија и Турција.
Таа порача дека Обединетите нации мораат да го предводат процесот на обнова на оваа земја.
-Прекинот на огнот е првиот чекор во вистински правец, но неопходен е и процес на консолидација заради обновата и единството на владата. Уште долг пат треба да се изоди. Тоа мора да биде процес што ќе го предводат ОН, рече Фон дер Лајен.
На средба со новинарите по разговорот со премиерот на Луксембург Ксавиер Бетел, таа нагласи дека тоа е од „пресудна важност”.
Претставниците на завојуваните страни во Либија денеска се среќаваат во Москва, каде треба да го потпишат примирјето под покровителство на руски и турски претставници, соопшти руското МНР.