Владата денеска на седница даде согласност Министерството за здравство да иницира постапка за набавка на медицинска опрема – ангиограф за потребите на ЈЗУ Универзитетски институт за радиологија во Скопје во вкупна вредност од 60 милиони денари.
Средствата, како што се посочува, се планирани во програмите опфатени со развојниот дел од Буџетот во 2020 година, 2021 година и 2022 година.
Министерството за здравство на својата веб страница објави дека ја утврдило потребата за набавка на ваков апарат за Институтот за радиологија имајќи го предвид растечкиот тренд на кардиоваскуларни болести и посебно болестите на крвните садови.
Со набавката на новиот ангиограф во оваа установа дополнително ќе се подигне нивото на здравствената заштита за пациентите со срцеви заболувања. Станува збор за високософистициран апарат за иследување на крвните садови на мозокот, вратот, аортата, екстремитетите. Истовремено, со периферната ангиографија се откриваат најчесто стеснувања на артериите кои во текот на прегледот може и да се дилатираат и стентираат, а со тоа истовремено да се изврши и интервентна процедура, потенцираат од Министерството за здравство.