Кој признава пола му се простува или …

Македонската спортска гордост – ракометот ни е паднат на колена. Сакамe ние да го видиме тоа или не, го кажуваат јасно и гласно резултатите кои репрезентацијата ги постигна во групата Б  на 14. Европско првенство во конкуренција на Украина, Чешка и Австрија, каде важевме и ја прифативме улогата на фаворит, но искусната македонска репрезентација очебијно незнаше да биде ороводец на „виенскиот бал“.

Наместо фаворит, Македонија е губитник. Призна селекторот Данило Брестовац, го потврди и капитенот, искусниот 40-годиник Кирил Лазаров. Нашиот народ има една убава поговорка која вели, кој признава, половина му се простува или …

Ќе им простат илјадниците љубители на ракометот (!?), но треба стоечки да ги издржат сите удари, а ќе ги има деновиве од сите страни. Без разлика дали ќе бидат добронамерни или во вид на отровни стрели. Од нив ќе треба да се извлече поентата и брзо да се кренат на нозе по зададените тешки удари и нокаутот во кој се најде ракометот.

Првиот чекор е направен со јавно упатеното извинување од Лазаров кон илјадниците љубители на спортот кои им направија атмосфера во Виена како да играат дома, а тие целосно потфрлија. Со една минимална победа над Украина во меч со осцилации и два лесно загубени дуели со Чешка и Австрија не заслужија да го минат првиот круг.

Нашата репрезентација е искусна, костурот игра пет континентални собири во континуитет, а меѓунив имаат и настапи на мундијали, а тие што викаме дека се млади Талевски, Кузмановски, Пешевски… се во најубавите играчки години. Подмладување какво се најавуваше, а јавноста очекуваше не е направено. Очебијно е дека е неопходно. Тоа треба да се покаже на паркетот, а не на клупата и на трибините. Свесен е за оваа неуспешна мисија и селекторот Брестовац, па овој процес со него на чело или без него, како што рече и самиот под напливот на емоции, мора да почне и да заврши, ако е потребно и еден голем ракометен собир Македонија да го прескокне, но да создаде тим за респект.

За тоа е во право. Не смее селекторот да покажува малодушност и да размислува за напуштање на жешкото столче. Треба да издржа, ако се нафатил на овој процес. А, тоа е работа на долги патеки и со јасни визии. Преку ноќ не бива работа. Со промена на селектори на една-две година до посакуваните резултати нема да се дојде. РФМ треба да има трпение и ако верува дека Брестовац е вистинскиот стартегот кој може да ја направи долго најавуваната и очекувана смена на генерацијата, треба да му се даде зелено светло на тој пат. Брестовац пак треба да има храброст да се фати во костец со предизвикот, а не само да кажува што треба и младите да ги втурнува на контролните мечеви, а кога ќе се запалат светлата на големата сцена да очекува дека „тешкото“ ќе го одиграат досегашните ороводци. Промената во репрезентацијата тропа на големата врата.

Драган Николовски

Фото

Слободан Ѓуриќ

Треба да знаете
Последни објави