Либански демонстранти ги блокираа денеска патиштата околу главниот град Бејрут, обновувајќи ги протестите против власта, за која тврдат дека не успеала да спречи економско пропаѓање.
Демонстрантите гореа автомобилски гуми и ги блокираат трите главни автопати кои водат кон Бејрут – од југ, исток и север. На протестите учествуваат и ученици и студенти, кои маршираа долж автопатите, носејќи либански знамиња.
Протести имаше и во северниот град Триполи и во провинцијата Акар, каде демонстрантите блокираа неколку улици со запалени гуми и цигли.
Либан се соочува со најголемата економска криза по повеќе децении, при што вредноста на локалната валута падна во однос на доларот и во последните неколку недели изгуби околу 60 проценти од вредноста. Банките наметнаа ограничување при подигнувањето пари и трансфер на средства надвор од земјата. Тоа предизвика паника меѓу населението, кое стравува дека паричните влогови им се во опасност.