„Ловот на вештерки” мораше да престане, а правниот преседан беше направен тогаш кога Комисијата за лустрација го вршеше тој лов на вештерки, изјави режисерот Владимир Милчин во дебатната емисија 24 Отворено на тема Лустрацијата, „лов на вештерки“, борба за правда или борба со неистомисленици? на телевизија „24 Вести“.
Милчин смета дека одлуката за поништување на лустрацијата е задоцнета и дека требала да биде донесена во 2017 година.
-Јас и сите други немаа право на одбрана пред судовите кои одлучуваа ниту на Управен суд ниту пак на Вишиот управен суд. Тоа е една од работите кој судот во Стразбур го забележува во процесите. Прекршени се член 6 и 8 од конвенцијата за човекови права. Некој ве обвинува потоа ве суди, а вие немате право на збор, на одбрана, изјави Милчин, обвинет во процесот на лустрација дека соработувал со службата за државна безбедност.
Според него, Комисијата во мојот случај решавала по документ од лице кое било осомничено за уривање на уставниот порадок. Досието ми е отворено 1987 година поради учество во студентски демонстрации 1968 година. Јас не сум бил соработник, туку мета на државната безбедност 10 години. И тогаш бев жртва, а жртва бев и во 2012 година затоа што бев извршен директор на Фондацијата отворено општество и на Груевски му бев трн во око, вели Милчин.