Српскиот претседтел Александар Вучиќ, реагирајќи денеска на загриженоста на европратеничката Тања Фајон, поради можноста за намалување на изборниот цензус во Србија на три проценти, непосредно пред изборите, изрази надеж дека „таа како истакнат борец за човекови права” ќе се избори Србите во нејзината родна Словенија да добијат статус на национално малцинство.
– Јас секогаш сум заинтересиран за секој збор на Тања Фајон. Особено кога станува збор за правата на српскиот народ во Словенија. Очекувам таа, како истакната активистка за човекови права, да се избори тие да добијат статус на национално малцинство, затоа што таму се најголема малцинска група, изјави Вучиќ во Обреновац.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, претседавачот на Комитетот за стабилизација и асоцијација на Србија и ЕУ, Тања Фајон денеска изјави дека е загрижена поради идејата за намалување на изборниот праг во Србија од пет на три проценти.
– Радикалните измени во изборните правила непосредно пред одржувањето на изборите се многу опасни тактики, предупреди Фајон, додавајќи дека тоа генерално не е добра практика и може сериозно да ја поткопа довербата.
Вучиќ рече дека заради барањата на опозициските претставници, кои учествувале во меѓупартискиот дијалог со медијација на претставниците на Европскиот парламент, веќе се изменети три закони „кои во суштина се многу повеќе поврзани со изборите отколку намалувањето на цензусот од пет на три проценти”, и дека тоа се измени и дополнувања на Законот за финансирање на политичките активности, Законот за јавните претпријатија и Законот за спречување на корупција.
– Во крајна линија ним им е јасно дека од бојкотот нема ништо и знаат дека ќе има партии во Парламентот. Луѓето ќе работат во Собранието за плата што ја добиваат, кажа Вучиќ.
Тој рече дека мислел оти со претставниците на опозицијата кои учествувале во дијалогот за подобрување на изборните услови, „се водел дијалог за учество на изборите, а сега излегува дека претставниците на власта се будали”, затоа што опозицијата донела одлука „секако да не учествува на изборите”.