Преставници од царинската управа остварија средба со увозниците на половни возила

Во текот на денешниот ден, на барање на дел од увозниците на половни возила се одржа работен состанок во просториите на Царинската управа. На состанокот беа присутни претставници на увозниците кои дадоа забелешки од првичната примена на Законот за данок на моторни возила кој стапи на сила од 01.01.2020 година.

Како една од главните дилеми која беше посочена на состанокот беше практичната примена на законските одредби и нејаснотиите со кои се соочуваат увозниците на половните возила при пресметката на новиот данок за моторни возила, како и зголемувањето на давачките за кои стравуваат дека ќе предизвика прекин во нивното работење. Особен акцент во разговорите беше ставен на возилата кои се оцаринети пред почетокот на примената на новиот Закон за данок на моторни возила, дали подлежат на дополнителен данок или не, како и состојбата со возилата кои се на пат за испорака во нашата земја. Истакната беше поддршката на носењето на измени во делот на даночењето на моторните возила со позитивен пристап за стимул на увоз на п еколошки возила, но сето тоа во корелација со куповната моќ на граѓаните за кои истакнаа дека тешко може да си дозволи купување на поскапи возила.

Од страна на Царинската управа пред претставниците беа презентирани основните одредби на Законот за данок на моторни возила и практично беа направени неколку пресметки на данокот на моторни возила. Беше заклучено дека во делот на начинот на пресметка сеуште во јавноста кружат шпекулативни пресметки кои во многу ги доведуваат и увозниците и купувачите во заблуда, при што граѓаните се во дилема колку давачки треба да се платат за возилата. Од страна на Царинската управа беше истакнато дека граѓаните овие давачки можат сами да ги пресметаат доколку го користат калкулаторот кој е објавен на веб страната на Царинската управа кој е воспоставен за таа цел. (линк на следната страна http://ite.customs.gov.mk:9070/userForm ) Во оваа насока беше предложено да се организира директно презентирање на законските одредби пред увозниците по региони и да се расчистат дилемите со кои се соочуваат во моментот.

Посебно беше истакнато дека согласно новиот закон, возилата со вредност до 10.000 евра се даночат исклучиво само по тоа колку загадуваат, а не како досега по вредност на возилото. Тие што имаат помали емисии на СО2 плаќаат помалку давачки од тие кој емитуваат повисоки износи на СО2. За возила со вредност над 10.000 евра пресметката се врши и по емисијата на СО2 и по вредност на возилата.

Во однос на дилемите дали треба досега оцаринетите возила да платат данок потенцирано беше дека тоа што е завршено по стариот закон не подлежи на дополнителна наплата на данок на моторни возила и возилата можат слободно да се продаваат на купувачите.

На крајот беше заклучено дека Царинската управа ќе ги разгледа доставените забелешки и ќе оствари дополнителна средба со сите засегнати страни со овој закон.

 

Треба да знаете
Последни објави