Подигнување на прагот на ослободување од царина за пратки од 45 евра на 90 евра, ставање во функција на Регистарот на вистински сопственици како законска обврска, како и новиoт образец за даночен биланс објавен во екот на припрема на завршните пресметки за правните лица, како нова дополнителна обврска на сметководителите, беа во фокус на денешната прес конференција на Комората на сметководители на Македонија.
Благоја Грозданов, член на Управен Одбор на Комора на сметководители истакна дека сметководителите години наназад се на удар од отсуство на комуникација меѓу државните институции и меѓу државните институции и приватниот сектор. Новина е тоа што во екот на изготвување на завршните сметки најважната активност во процесот на сметководствено работење, објавен е нов даночен биланс ДБ образец, што значи нов товар за сметководителите кои нема да имаат време за адаптација на промените, а уште поважно отвара простор за грешки кај даночните обврзници кои може многу да ги чинат.
„Во екот на изготвување на завршни сметки, од страна на Mинистерството за финансии се воведува целосно променет извештај за данок на добивка, образец ДБ за чие пополнување во некои случаи можно е да треба да се смени сметководствената евиденција уште од почетокот на годината. Со ваквите брзи промени во легислативата кои имаат ретроактивна имликација на даночните обврзници воопшто не им се дава можност за даночно планирање како една од најважните активности на почетокот на годината. Понатаму, во овој најстресен период од годината за сметководителите дел од електронските системи за даночни поднесоци на УЈП почесто се недостапни, системот не може да ги издржи големиот број на поднесоци, со што колегите се приморани непотребно да губат времето да пополнуваат и доставуваат хартиени поднесоци. Згора на се, како последица на несинхронизираноста и отсуството на комуникација меѓу државните институции, бидејќи и таму постојат неажурирани актуелните обрасци и сметководителите се ставени во недоумица дали да поднесуваат електронски застарени обрасци или актуелни хартиени. Очигледно некои од промените во регулативата е тешко да се спроведат и од страна на институциите, а Министерството во секој случај креира обврски кои можат да предизвикаат големи штети и за сметководителите и за даночните обврзници“, појасни Грозданов.
Александра Андреева, член на Управен Одбор на Комора на сметководители истакна дека Централниот регистар за овој февруари го најави ставањето во функција на Регистарот на вистински сопственици, кој треба да даде реална слика за сопственоста на удели и акции,согласно обврските од Законот за спречување перење пари и финансиски тероризам.
„Она што за жал неретко се случува, е сите законски обврски за стопанството да се препишат на сметководителите, независно од областа од каде истата доаѓа. Но, сметководителите треба да знаат дека обврската за полнење на регистарот не е на нивен терет. Поточно, во овој процес сметководителите при самото воспоставување деловен однос со клиентите, задолжени се да го идентификуваат вистинскиот сопственик и во зависност од ризикот кој ќе го утврдат да вршат засилена анализа над клиентот. Неисполнувањето на оваа одредба од законот е предвидена како основа за изрекување на глоби, но, истото не е поврзано со поднесување на пријава за ажурирање на регистарот, која согласно предметниот закон припаѓа на овластеното лице за застапување на правниот субјект, а не на сметководителот“, истакна Андреева.
Беким Есати, член на Управен Одбор на Комора на сметководители во врска со подигнување на прагот на ослободување од царина за пратки од 45 евра на 90 евра, рече дека на овој начин се поттикнува сивата економија во земјата.
„Зголемувањето на прагот за царинење на пратки со вредност до 90 евра, беше најавено дека е согласно препораките на Европската комисија, како и поради зголемување на обемот на е-трговија во земјава. Сметаме дека во услови на кревка економија и недоволна потрошувачка на домашни производи, она што може да предизвика оваа новина е поттикнување на сивата економија. Поточно, можно е да се врши препродажба на продукти, кои ќе влегуваат во нашата земја за многу пониски цени од оние на домашните производители особено во делот на техника, облека, апарати за домаќинство, накит, телефони, играчки за деца, спортска опрема, козметика и ред други производи. Ваквите новитети треба да се донесуваат после спроведување на детална анализа со вклученост на стопанството, бидејќи ефектите на овој начин може да бидат во поголем дел негативни, како на пример намалување на приливот на буџетот од даноци и други јавни давачки, поттикнување на одливањето на девизи надвор од нашава земја што дефинитивно е на штета на целата држава, а во прилог на развој на сивата економија. Прагот во ЕУ е повисок бидејќи таму и примањата се значително повисоки, но за разлика од Македонија во ЕУ има и систем на електронска контрола кое лице и колку пати во денот носи пратки, кај нас со ова се остава можност да се изигра на штета на увозниците кои плаќаат данок.“, изјави Есати и напомена дека во нашата земја се тргува исклучиво од увоз на малопродажба пред се од земјите од Источна Азија, а не од Европската Унија и Америка.