Интегрален текст од прес конференција на Цветан Трипуновски – дополнителен заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство
Три години посочуваме на криминал и злоупотреба при распределба на државно земјоделско земјиште во Република Македонија. Денеска ќе презентираме само еден случај од редица примери на криминал при распределба на државно земјоделско земјиште од страна на Љупчо Николовски и Трајан Димковски.
Николовски и Димковски се фатени во криминал до гуша. Случајот кој што денеска сакам да го обелоденам покажува како едно исто земјоделско земјиште го даваат под концесија на две различни лица. Ова е Фиком 2, само во земјоделска варијанта, каде овој пат во главна улога се лица функционери на СДСМ.
Имено, на ден 26.12.2018 година Љупчо Николовски како тогашен министер за земјоделство шумарство и водостопанство склучува договор за закуп на државно земјоделско земјиштес во КО Нова Брезница, Кисела Вода со лицето Г.Ѓ. со времетраење од 70 години.
На ден 17.07.2019 година, овој пат Трајан Димковски во улогата на министер за земјоделство шумарство и водостопанство склучува договор за закуп на истото зземјоделско емјиште кое веќе се наоѓа под закуп, овој пат на лицето В.Т.
Овој договор е склучен без претходниот да биде раскинат. Моментално, формално правно и двата договори се во правна сила. Она што сакам да го потенцирам е дека и на двата договори како потписник – согласен административниот службеник Жанета Горгиевска, која важи за десна рака на Николовски и Димковски.
Трајан Димковски го прекршил законот и постапките за доделување на државно земјоделско земјиште под закуп.
Трајан Димковски извршил кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 од КЗ.
Процедурите се прекршени уште во процесот на објавување.
Имено пред воопшто да биде објавен оглас, МЗШВ преку допис ја контактира Подрачната единица во населеното место каде што се објавува огласот со цел да се информира дали конкретното земјиште е слободно или под закуп. Во конкретниот случај не е пуштен допис до подрачната единица во Кисела Вода која што е надлежна за овој случај.
Зошто Трајан Димковски не испратил допис до подрачната единица на МЗШВ во Кисела Вода, дали знаел дека земјиштето е под закуп или свесно извршил кривично дело?
Доколку тој не знаел, неговите советници биле должни да го информираат и тој во никој случај не смеел да го даде земјиштето под повторен закуп. Свесно или несвесно Трајан Димковски извршил кривично дело.
Ова се ефектите од криминогеноста на Димковски и нестручноста на неговите кадри. Го повикуваме Јавното обвинителство веднаш да постапи по овој случај и да ги санкционира прекршителите на законот.
Потенцирам ова е само еден пример на злоупотреба, во наредниот период ќе и презентираме на јавноста и останатите вакви случаеви.
Ваквиот криминал нема да го дозволиме во Република Македонија.
Додека тие си делат земјишта и прават криминал обичниот земјоделец едвај преживува. Јас сум тука да ги обелоденам и спречам овие злоупотреби и криминали за никогаш да не се повторат во Република Македонија.