Во воведниот натпреавр од 12. коло во Првата кошаркарска лига на Македонија, Гостивар го совлада како гостин МЗТ Скопје (78:72). Гостиварци кои забележаа победа и на првиот меч пред своите гледачи против МЗТ Скопје се единствениот тим досега во сезонава кој на домашната сцена и во АБА2 лигата, најде решение како да се освои СЦ „Јане Сандански“.
Со овој триумф, Гостивар се изедначија со МЗТ Скопје на првото место на табелата со скор 9-3. Донован Доналдсон со 20 поени беше најефиаксен во победничкиот тим, а веднаш зад него беа Ивица Димчевски со 19 поени (пет тројки) и Ѓорѓе Џелетовиќ со 18 поени. Дамјан Стојановски со 15 поени беше најпрецизен кај МЗТ Скопје, а Андреј Магдевски и Ерон Харис мечот го завршија со по 11 погодоци.
Утре од ова коло се играат мечевите Еуро Никел – Кожув (18 часот), Работнички – Куманово (18 часот) и Академија ФМП – Пелистер (18 часот), а в недела Вардар ќе се сретне со вториот тим на МЗТ Скопје Уни Банка (18 часот).