Стратешката и правната поставеност на транспарентноста и јавноста во работата на правосудните органи, особено кај судовите е на задоволително ниво, покажува анализата на Центарот за правни истражувања и анализи „Отвореност на судството во Република Северна Македонија” што денеска беше промовирана во рамки на иницијативата Отворено судство која е дел од програмата „Подобрување на транспарентноста, правната сигурност и ефикасноста на судството во Северна Македонија”, финансирана од Обединетото Кралство.
Сепак, според анализата, квалитетот на правната рамка, односно на поедини закони и подзаконски акти, сам по себе не придонесува за оптимална транспарентност и отвореност на правосудниот сектор и е потребна понатамошна операционализација и доследна имплемнтација на утврдените законски обврски.
Анализата препорачува институциите да започнат доследно да ги остваруваат зададените функции на ефикасен и видлив начин со поддршка од стручни лица и организации и во тесно партнерство со граѓанскиот сектор, со крајна цел јакнење на доврбата во правосудството и правната држава.
Министерката за правда Рената Дескоска во своето обраќање на промоцијата на иницијативата Отворено судство рече дека отвореноста на судството и неговата транспарентност претставуваат основни претпоставки за зголемување на довербата на јавноста и потенцира дека Судскиот совет е клучниот орган кој треба да придонесе кон зголемување на транспарентноста на судовите.
Дел од измените на Законите за судовите и Законот за Судскиот совет, донесени изминатата година, како што кажа, се однесуваат на создавање активна транспарентност на судовите. Напомена дека во критериумите за оценувањето на претседателите на судовите, посебно се вреднуваат односите со јавноста и транспарентноста во работењето, кои се оценуваат преку увид во веб-страницата на судот (соопштенија за работа на судот, објавени одлуки, анализи и извештаи за работата на судот и слично) и слободниот пристап до информации од јавен карактер.
Дескоска истакна дека се значајни и новините кои Министерството за правда ги предлага во однос на Јавното обвинителство.
-Согласно Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавни обвинители, предвидено е дека седниците на Советот на јавни обвинители се јавни. Јавноста може да биде исклучена само со одлука на Советот заради заштита на угледот и интегритетот на јавниот обвинител. За исклучување на јавноста од седниците, Советот ќе одлучува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број членови, истакна Дескоска.
Во случај кога Советот ќе одлучи за исклучување на јавноста од седницата, прецизира, претседателот на Советот ќе биде должен да ја извести јавноста за причините за исклучување на јавноста и во случај ако на истата седница донесува одлука со гласање, гласањето за одлуката ќе биде јавно.
-Кога Советот одлучува за избор на јавен обвинител на Јавно обвинителство или за избор на јавен обвинител во Јавно обвинителство, јавноста не може да биде исклучена во ниту еден случај. Советот ќе составува записник од гласањето за одлуката и истиот јавно ќе го објавува на веб-страницата на Советот. За работата на седницата на Советот ќе се води записник и седницата се снима тонски или се прави аудио-визуелен запис. Усвоениот записник се објавува на веб страницата на Советот, потенцираше Дескоска.
Таа како незавршена работа за Министерството за правда го истакна носењето на Законот за Јавното обвинителство и потенцира дека само со гласање на ова законско решение опозицијата може да покаже дека е за европска иднина и бескомпромисна борба против криминалот
Британската амбасадорка Рејчел Галовеј посочи дека транспарентноста е основа за владеење на правото и додаде дека со современата технологија судството е во многу поповолна состојба од порано за отвореност на постапките.
-Секогаш кога зборувам со луѓето и ги прашувам што најмногу и треба на земјата покрај чистиот воздух го истакнуваат и владеењето на правото. Токму транспарентноста и отвореноста на судството е основа за владеење на правото, рече Галовеј.
В.д. претсдателот на Врховниот суд Фаик Арслани порача дека суштината на судството е да се обезбеди независност и владеење на правото и правдата преку законите и непристрасно судење, односно видливо да се остварува правото и додаде дека во земјава преку измени на законските решенија се направени многу конкретни работи за отворање на судството кон јавноста.
-Правичното судење е еден од основните начини за отвореност на судството…. Со донесениот прирачник за комуникација на судовите со јавноста се уредува комуникацијата на судовите со странките, граѓаните, медиумите и општата и стручната јавност. Неговата цел е да се зајакне довербата на граѓаните во судството. Во Врховниот суд е изработена стратегија за комуникација со јавноста што се спроведува преку програмата за работа на Канцеларијата за односи со јавност, рече Арслани.
Претседателот на Судскиот совет Киро Здравев посочи дека најголемите забелешки од Прибе се однесуваа токму на транспарентноста и одговорноста на членовите на Судскиот совет и потенцира дека мора да се работи на независноста и ефективноста на судството, како и на редизајнирање на веб-страниците на судовите за да може полесно да се најдат бараните податоци од сите лица, а не само од адвокатите и судиите.
-Забелешките и критиките на Прибе беа сериозно сфатени и внесени во Законот за Судски совет и беше направен нов систем за избор на член на Судски совет, како и нов систем за евалуација на судиите со кој судиите сами преку формирање на пет члени комисии вршат оценување на судии, рече Здравев и додаде дека нема комисија за оценување на судиите на Врховниот суд.
Претседателката на Центарот за правни истражувања и анализи, Лидија Стојкова Зафировска рече дека судството треба да оди во чекор со дигиталната ера и неговата отвореност треба да се темели на познатите и утвредените сетови на стандарди и принципи кои важат насекаде низ светот и додаде дека анкетата направена врз 3.000 испитаници во рамките на проектот покажала дека јавноста има најлоша перцепција за независноста и отвореноста на судството.
-На оценувањето со оценки од 1 до 5, испитаниците отвореноста на судството ја оценија со 2,6, а независноста со 2,2, рече Стојкова Зафировска.